Градоначалникот на општина Крушево, Ѓорги Дамчески денес одржа прес конференција на која беа презентирани дел од проектите кои моментално се реализираат и ќе се реализираат во иднина од страна на локалната самоуправа.
„За оваа година приоритет на локалната самоуправа е подобрување на патната инфраструктура во градот и другите населени места.
Ова се наметна поради значително нивно оштетување од временските неприлики, обилните врнежи и долготрајната зима.
Исто така приоритет е подобрување на водоснабдувањето – изградба на нови цефководи, реконструкција на секундарната водоводна мрежа во должина од 15км како и поставување водомери во населените места.
Пред да ги објаснам подоробно проектите сакам да потенцирам дека е започната реконструкција на регионален пат Крушево – Демир Хисар која беше значително оштетен и е од огромно значење за развој на туризмот во Крушево.“ – рече Градоначалникот Дамчески.
Тој исто така ги наброи проектите кои ќе отпочнат со реализација со подобрувањето на временските прилики:
– во завршна фаза е реализацијата на проектот за рехабилитација на локалниот пат Кривогаштани-Бучин во должина од 7,2км во вредност од 430 илјади евра – средства обезбедени од Светска Банка и Европска Инвестициона Банка.
– отпочната е рехабилитација на регионалниот пат Крушево-Сладуево-Демир Хисар.Во 2015г. за овој проект ќе се потрошат 7 милиони денари – средства обезбедени од Министерство за транспорт и врски и ЈП за патишта.
– во тек е реализација на проектот за изградба на цефковод од регионален водовод Студенчица-пумпна станица с. Норово кон с.Бучин, во должина од 9,5км и вредност од 18 милиони денари од кои 14 милиони денари се обезбедени од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој додека 4 милиони денари ќе ги обезбеди локалната самоуправа.
– во с.Норово и с.Алданци се реализира проектот за поставување на водомери на јавна површина и изградба на шахти по сите стандарди во вредност од 80 илјади евра – средства обезбедени со поволен кредит од Светска Банка.
Исто така во престојнава година ќе се уредува централното градско подрачје каде ќе се уреди и детско катче како и уредување на тротоарите по крушевските скали, заврши Градоначаникот.