Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски се откажува од надоместоците за дневни трошоци при службените патувања во други градови во Република Македонија. Парите ќе се пренаменат за санација и изградба на патишта и улица.
Христоски вели дека во општината има поголеми приоритети отколку овие привилегии кои му следуваат на градоначалникот.
„Општина Крушево нема соодветни патишта и улици и затоа мораме да штедиме и кратиме таму каде што можеме за побрзо да обезбедиме средства за реконструкција и санација на локални улици, локални и регионални патишта“, изјавува градоначалникот.
Тој потенцира дека Општина Крушево се’ уште има калливи улица, тешко проодни и асфалтирани патишта со отворени дупки на кои им е потребна итна санација.
„Жалосно е што граѓаните на општина Крушево се’ уште се соочуваат со инфраструктурни проблеми како да живееме во 19 век. Луѓето од градот и населените места газат по кал и тоа им го отежнува секојдневниот живот“, додава градоначалникот на општина Крушево.