Почитувани граѓани на општина Крушево,
Градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски на 29.01.2019 на својот „Фејсбук“ профил обелодени дека е започната постапката за децентрализација на државните институции од областа на културата НУ Историски музеј Крушево и НУ Спомен куќа „Тодор Проески“.
Децентрализацијата на наведените институции, односно нивно ставање во надлежност на локалната самоуправа, нема да значи финансиски импликации за општина Крушево и нејзините граѓани. По целосно спроведување на децентрализацијата овие институции ќе бидат под надлежност на локалната самоуправа, но ќе добиваат дотации, ќе се финансираат, од централната власт и ресорните министерства како и до сега.
Најголема добивка од процесот ќе има општина Крушево и граѓаните, особено заради фактот што Крушево е туристичко место, а НУ Историски музеј и НУ Спомен куќа Тодор Проески играат значајна улога во туристичката понуда на градот.
Префрлањето на надлежноста ќе значи дека во развојот на туризмот, понудата на градот и промоцијата пред потенцијалните посетители на Крушево локалната самоуправа ќе работи заедно со овие два објекти. Децентрализацијата ќе овзможи подобра координација, унапредена контрола и целосна слика за туризмот во Крушево.
Како пример за идното функционирање на овие две институции е Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ Крушево, кој е во надлежност на локалната самоуправа, а добива финансии од Министерство за култура.
Дполнителни оптеретувања на скромниот буџет на општина Крушево нема да има, а децентрализацијата ќе донесе професионализација, заеднички пристап, поефикасно функционирање и подобра туристичка понуда.
Со почит,
Општина Крушево
29.01.2019